По интензивни разговори во текот на изминативе 24 часа, тимот на Форс Индија се согласи да го ослободи Џанкарло Физикела од неговиот договор за да му се приклучи на Ферари како замена за повредениот Фелипе Маса во преостанатиот дел од сезоната.
Како што се и предвидуваше, Ferrari се обиде и успеа да го “улови“ херојот од Спа. За волја на вистината римјанинот е врсник на Лука Бадоер, меѓутоа неговото искуство во победувањето, тркањето на врвот, континуитет и перформанси демонстрирани на последната трка го исфрлија како единствена квалитетна опција.
Ви ја пренесуваме изјавата на новиот Италијанец во црвениот болид и на неговиот довчерашен шеф.
- “Сон за секој италијански возач е да вози за Ферари и Џанкарло не е исклучок. Никој не смее да го спречува тоа, не заборавајќи го виталниот придонес на Џанкарло за овој млад тим. Би сакале да потенцираме дека немаме никакви долгови кон Ферари, поради кои го пуштаме Џанкарло како акт на компензација. Овој договор е постигнат на основа на добра волја и за доброто на Џанкарло и спортот воопшто. Конкурентен италијански возач во болид на Ферари на трката во Монца е позитивна сторија за Формула 1, која може само да помогне во подигнувањето на имиџот на спортот во овие тешки времиња“ – изјави Др. Виџеј Малија, шефот на индискиот тим.
- “Многу сум му благодарен на Г-дин Малија што ми ја даде можноста да возам за Ферари. Вистина е дека отсекогаш била моја желба и амбиција да возам за овој тим, тоа и порано го истакнував. Се надевам дека помогнав на Форс Индија да се развие во вистинска насока на патот кон нивните амбиции. Тие се сега многу конкурентен тим и им посакувам се најдобро“ – изјави пресреќниот “Физико“.